Лионел Меси е само човек

Лионел Меси е само човек
Човечки е да се греши, а Лионел Меси синоќа докажа дека и тој е од оваа планета. Севилја вчера успеа да извлече 0-0 против Барселона на „Камп Ноу“ и тоа најмногу благодарение на голманот Хави Варас, кој успеа да му одбрани пенал на Аргентинецот во 94-тата минута од натпреварот. Меси има направено многу малку грeшки во својата кариера, па затоа утнатиот пенал синоќа сигурно злобниците нема така лесно да му го заборават.
 
„Односот на тимот е за пофалба. Заслугата е на сите мои соиграчи, бидејќи сите придонесоа во позитивниот резултат, а не само моите одбрани“, изјави синоќа по натпреварот голманот на Севилја. „Да се извлече нерешено тука е многу комплицирано, но сите играчи успеаја да ја запрат Барселона да постигне погодок и ова е навистина добро“, додаде херојот на мечот. Во еден прекрасен натпревар со многу шанси, Севилја сепак заслужено се избори за бод. Во првото полувреме „андалузијаците“ покажаа заби и по подолго време и Виктор Валдез имаше доста работа на еден натпревар.
 
„Каталонците“ во вториот дел комплетно ја преземаа играта и буквално го бомбардираа Хави Варас, кој имаше 7 фантастични интервенции. Судиското продолжение на натпреварот беше драма за себе. Откако судијата Итуралде Гонзалес покажа на белата точка по стартот на Фазио над Иниеста, гостите направија се што можат да го деконцентрираат Меси да постигне гол. Кануте дури заработи и црвен картон откако физички го нападна Фабрегас. Гостите добија уште еден црвен картон и тоа во 98-та минута од натпреварот откако Давид Наваро грубо стартуваше над Дани Алвеш. Ова реми сигурно најмногу го слават „кралевите“ и нивните навивачи, бидејќи откако вчера со 4-0 ја „средија“ Малага на гости сега тие се лидери во Примера со 19 бодови.